Пресметката на двата тима кои имаат пехари во ЕХФ Европскиот куп заврши во корист на ГРК Охрид, кој славеше против Алкалоид со 26-24 во дербито на шестото коло. Ова е прв пораз за избраниците на Кирил Лазаров, до овој меч имаа серија од пет победи во низа.
Славиќ имаше 10 одбрани, Мате запиша шест гола кај победникот. На другата страна Никола Костески беше стрелец на шест гола, пет имаше Дамјан Митев.
Алкалоид беше одличен на стартот, поведе со 4-7 и имаше шанса да дојде и до плус четири, но не ја искористи. На другата страна, ГРК Охрид, на крилата на Славиќ, со серија од 7-1 успеа да приреди пресврт и да поведе со 11-8 во 25. минута. Никола Костески на момент го прекина налетот на противникот. Алкалоид имаше шанса на одморот да намали на минус два, но направи техничка грешка, па ГРК Охрид дојде до 15-11.
ГРК Охрид беше подобар и во првите 12 минути од вториот дел, поведе со шест гола разлика (19-13), а повторно клучна улога имаше голманот Славиќ. По 21-16, Алкалоид не успеа да дојде на минус три (21-18), Николов загуби топка, со што дополнително ја разниша стабилноста на противникот. Охриѓани го искористија овој момент и се вратија на предност од шест гола (25-19) во 53. минута.
На две минути до крајот, избраниците на Кирил Лазаров, со голот на Ѓорѓиев, дојдоа на 26-23. Ѓукиќ не реализираше од седум метри на минута и пол до истекот на регуларното време, но Алкалоид на другата страна направи нова техничка грешка и ги загуби сите шанси за пресврт.
Вардар остана единствениот тим во Супер-лигата кој има максимален скор – шест од шест. Овој пат славеше против Струга на гости со 24-33.
На останатите средби, Младост и Пелистер одиграа без победник (30-30), Прилеп славеше против Бутел Скопје на гости со 27-29, додека Тиквеш беше подобар од Мулти Есенс со минимални 27-26.










