И екипата на ГРК Охрид дојде до планираните бодови во 9. коло во Супер-лигата. Избраниците на Борис Ројевиќ славеа против Куманово на гостински терен со 24-28. Охриѓани го задржаа четвртото место на табелата, со скор од седум победи, едно реми и еден пораз.
Иако победата не е убедлива, сепак гостите одиграа онолку колку што беше потребно за да дојдат до бодовите, додека Куманово максимално го искористи тоа за да избегне поубедлив пораз.
Охриѓани по првите 30 минути имаа водство од 11-16. Мечот го отворија со 2-6, но домаќинот не се предаде лесно. На средината на првото полувреме успеа да намали на 7-8, по што следеа три гола во низа на гостите за 7-11, предност која донесе стабилност во нивната игра. Второто полувреме беше чиста рутина за ГРК Охрид.
Кеита и Карапалевски имаа по четири гола кај победникот, додека на другата страна Фереира постигна седум погодоци.










