Реал Мадрид планира да го отвори реновираниот Сантијаго Бернабеу на 23 декември оваа година, пренесува Ас. Процесот на реновирање на објектот започна за време на пандемијата, кога „Галактикоси“ се преселија да ги играат своите домашни натпревари во Алфредо ди Стефано во базата на клубот Валдебедас. Реал потоа се врати на Бернабеу, каде, сепак, продолжија работите за реновирање, а големи делови од трибините беа покриени со големи церади за натпреварите за да се прикријат градежните работи.
Според „Ас“, клубот веќе испратил писма до некои групи симпатизери, во кои е наведен конкретниот датум за отворање на стадионот по конечното завршување на реновирањето. Доколку се задржи датумот 23 декември, тоа ќе значи дека Реал ќе биде домаќин на уште 11 натпревари пред да се одржи големото отворање. Првиот натпревар на веќе комплетираниот „Бернабеу“ е закажан за 3 јануари.
Работите за реновирање започнаа во јули 2019 година. Реал предвидува дека со новиот објект клубот значително ќе ги зголеми приходите.