Коментар на 7.коло: Спектаклот во Кавадарци покажа зошто Вардар и треба на Првата лига!

2998

Пишува: Зоран Ѓоршоски

 Секоја чест за шампионот Струга ТЛ, секоја чест за Работнички, Шкендија и Шкупи кои имаат по четири титули во ПМФЛ, секоја чест за Силекс, Македонија ЃП, Брегалница, Тиквеш, Брера, секако да не заборавиме на Гостивар и Воска, но и ние, како авторот на овој текст, кои не го симпатизираме премногу нашиот најтрофеен клуб, мораме да признаеме дека Вардар си е Вардар. Вчерашниот спектакл во Кавадарци, каде играа Тиквеш и Вардар, покажа зошто скопските “црвено – црни“ и требаат и тоа како на оваа наша Прва лига. Секоја чест за Кавадарци и Тиквеш, но ако вчера не гостуваше Вардар повеќе од јасно е дека трибините немаше да бидат преполни, немаше да има 5.000-6.000 гледачи, бројка која за наши услови е фантастична. Немаше “Лозарите“ да бидат во елемент ако ги немаше “Комитите. Така беше на гостувањето на Вардар кај Брера, полна трибина, така беше и на гостувањето кај Воска, кога исто така трибините на “Билјанини Извори“ беа добро пополнети. Можеме само да претпоставиме како ќе биде во Штип, да не говориме за Чаир или под Шара кај Шкендија. Каква фудбалска тензија ќе има со стариот ривал Работнички, како ли ќе биде пречекан во Кратово или Ѓорче.

Значи Вардар си е Вардар…ете, тој клуб ни треба во ПМФЛ. Уште повеќе ако тој Вардар е силен Вардар. Ги чекаме и Победа и Пелистер, секако Беласица за да нашата елитна лига добие уште повеќе на гледаност.

Да, се сложуваме дека Вардар е магнет за јавноста, за публиката, за фановите, па и за оние кои навиваме за други клубови. Вардар покажа и докажа, вчера и дефинитивно, дека има име, традиција, големина, само треба да го врати својот квалитет, клубот да се издигне на она ниво каде што беше, за да на сите ни е поинтересно. Вардар го личи да биде горе на табелата, а не на самото дно.

Ете таков Вардар ни треба на сите нас. Ете зошто со Вардар и ПМФЛ е многу поинтересна, повозбудлива и секако повеќе посетена.

ПретходноРоналдо со луд дочек во Техеран – илјадници фанови трчаа по него, си доби и персиски килим
СледноЈовиќ пред мечот со Алборг: Верувам дека ќе се издигнеме и достојно ќе го претставиме македонскиот ракомет