Пишува: Зоран Ѓоршоски
Вчера се одигра 76.Соседско дерби меѓу нашите најтрофејни клубови, и тоа на Арената “Тодор Проески“ или по скопски, на Градски. Домаќин беше Работнички, “гостин“ Вардар, кој по цели три години како прволигаш се врати на Градски.
Победи Работнички со 2:0, убава атмосфера, коректно навивање, “Комитите“ во елемент и по бројност, шанси, два гола и на крај поразениот му честита на победникот без никаков приговор иако бодовите им беа екстра важни на двете екипи.
Значи и во Македонија се можело еден меч пред 6.000 гледачи да заврши мирно, коректно, по нашки кажано “господски“.
Ете, затоа велиме дека вакво дерби му треба на Скопје.
Сепак, има една маана во ова дерби, кое според традицијата, историјата и освоените трофеи па и големина на клубовите, треба да биде најголемо во Македонија.
А, не е.
Не е поради фактот што вчера од тие 6.000 гледачи на Градски речиси 95 насто навиваа за Вардар, а Работнички беше домаќин.
Не може да биде дерби ако едната екипа нема навивачка група, ако не одекне на Градски и – Работнички, Работнички…
Бадијала е се.
Некогаш пред 40 и повеќе години кога играа овие две екипи во Втората лига во екс – СФРЈ, и кога на Градски имаше 20.000 гледачи, половината беа за Работнички, или барем 30 насто. Е, тоа беше дерби со сите “нишани“. И затоа најголемо дерби во Македонија е она меѓу Вардар и Пелистер, па потоа меѓу Вардар – Шкендија. Публиката и фановите му даваат посебен шмек. А се знае за кого се игра фудбал.
Но, да не цепидлачиме, Работнички – Вардар или Вардар – Работнички е нешто посебно, уште кога се игра на Градски.
Инаку кога сме кај Работнички, а и Брегалница, очигледно е дека и кај двете екипи помогна таа шок – терапија, односно тренерска смена.
И двете екипи во последните две кола со Горан Станиќ и Трајче Сенев освоја по четири бода, иако реално и двете екипи беа блиску до два од два. Работнички минатиот викенд беше оштетен кај Воска со непризнавање на чист гол за 1:2, а вчера Брегалница имаше водство кај Струга, но во последен момент прими гол за 2:2. Претходно во Штип падна Шкупи.
Струга ТЛ почна да “поткашлува“. Место сега да се перчи со +6 пред Шкупи, а играше со Вардар и Брегалница, тимот на Дуро освои само бод и тоа едвај, оној вчера против штипските “сини“.
И место сега да го ладат шампанското за прославата на новата титула, сега Струга ТЛ има само +1 пред Шкупи, а и Шкендија ја “вратија“ во игра.
Секако дека пак шампионот е во предност, но факт е дека тимот на Дуро на овие два последни меча не игра како што сме навикнале да го гледаме во овие две години откако е најдобар тим во Македонија.
Оние 6:1 на Шкендија против Силекс треба да ги загрижат сите и во Струга ТЛ, но и во Шкупи.
За опстанокот од коло во коло се менуваат финесите, но генерално се знае дека од Работнички (31 бод), Вардар (29), Воска (28), Брегалница (26) и Македонија ЃП (25) две екипи ќе испаднат а една ќе се “вади“ преку бараж.
Иако и тука ништо не е сигурно, може само Брера со пораз -два во серија да се “врати“ во “игра“.