Викендов во домашниот ПМФЛ шампионат е на програмата второто пролетно коло. Во она премиерното, Тиквеш успеа да му „откине“ бод на Силекс среде Кратово, па сега кавадарчани полни со победнички менталитет го пречекуваат Пелистер на свој терен.
Еден од оние од кој што се очекува пролетва доста во дресот на Тиквеш е Арби Воша. Некогашниот младински репрезентативец на Македонија во Кавадарци пристигна по поголема минутажа и секако враќање на голгетерската форма.
„Одлично се чувствувам во Кавадарци. Добра фудбалска средина. Фудбалски град, публика, тука Тиквеш е тема на секоја маса што се вели. И тоа е добро. Нам ни треба таа поддршка во моментов, затоа што пролетва мора да се освојуваат бодови на секој можен натпревар. Одлично е што во Кратово освоивме бод, но истиот сега мора да се потврди со победа дома. Секоја чест на Пелистер, но ние немаме друга опција освен победа. Очекувам полн стадион, како што е тоа секогаш во Кавадарци, поддршка и атак на трите бода. Верувам во нашиот квалитет и во она што сме способни да го одиграме“ – вели Воша за Спортспорт.
Мечот Тиквеш – Пелистер како и останатите мечеви в недела започнува од 14:00 часот. Единствен меч кој се игра в сабота е оној помеѓу Струга ТЛ и Вардар.