Струга Трим Лум како лидер на табелата доаѓа во Скопје на дуел со Вардар во дерби натпреварот од деветтата рунда во Прва МФЛ. Ова е несомнено најголемиот дуел во ова коло, во кој стружани ќе се обидат да продолжат во ист стил како и на досегашните натпревари. Христијан Малески се покажа како вистински „џокер“ за стружани оваа сезона, на осум натпревари постигна четири гола и забележа една асистенција, иако беше стартер само на еден меч. Тој беше најзаслужен за последната победа против Пелистер во Струга, кога за само 20 минути постигна два погодоци и го донесе триумфот. Младиот напаѓач верува дека тимот на Струга Трим Лум може да оствари успех и на денешното дерби против Вардар.
„Имавме одлични тренинзи оваа недела, па сметам дека тимот е стопроцентно подготвен да го даде максимумот и на ова дерби. Ако ги реализираме на теренот барањата на тренерот, тогаш можеме да се надеваме на целосен плен и три бода“, вели Христијан Малески. Тој ја потенцираше и одличната атмосфера во составот од почетокот на сезоната.
„Напорната работа и добрата атмосфера во екипата придонесоа да бидеме таму каде што сме моментално, на лкдерската позиција. Се надевам дека ќе останеме на врвот. Ме радува што и јас лично дадов мој придонес за овие резултати со голови и асистенции“, истакна Малески.
Натпреварот меѓу Вардар и Струга Трим Лум ќе се одигра од 15 часот на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје.