Башкими се уште ја чека првата победа против Брера

47
Фото: ФФМ

Денеска започнува 26-то коло во елитниот македонски фудбал, а на програмата се два натпревари. Екипата на Башкими, по ремито (2-2) против Тиквеш во минатото коло, сега е во потрага по полн погодок на домашен терен во Куманово против тимот на АП Брера.

Овој дуел е посебен за Фодај Травели, поранешниот играч на АП Брера кој сега ги брани боите на Башкими. Тој смета дека тимот е подготвен за овој предизвик.

„Натпреварот против АП Брера е многу важен за нас, бидејќи влегуваме во клучната фаза од шампионатот. Максимално сме фокусирани и подготвени. Се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода“, изјави Травeли.

АП Брера има пријатни спомени од последниот дуел во Куманово, славеше со 0-2 пред малку повеќе од еден месец, па струмичани се надеваат дека и денеска би можеле да го применат истиот рецепт.

„Гледаме напред, затоа што првенството влегува во забрзан ритам. Нѐ очекува важен натпревар против Башкими во Куманово и подготвени сме да одговориме на предизвикот. Како и секогаш, одиме да се надигруваме, и нека победи подобриот“, порачуваат од тимот на АП Брера.

Ова ќе биде трет меѓусебен дуел помеѓу Башкими и АП Брера оваа сезона. Кумановскиот состав сè уште ја чека првата победа против струмичани, кои во претходните две средби забележаа една победа и едно реми.

Во пресрет на 26.коло, АП Брера се наоѓа на седмата позиција со 31 бод, веднаш над линијата која ги означува местата кои водат во дополнителен бараж за опстанок, додека Башкими е шестопласиран со 36 бода.

Натпреварот помеѓу Башкими и АП Брера ќе се игра на стадионот на Башкими во Куманово со почеток во 15:30 часот.

Претходно Мартин Серафимов две години во Пелистер
СледноГрад Скопје ги прогласи најдобрите: Награди за Лазаров, Алкалоид, Специјална Олимпијада!