Ренџерс на нашиот Бојан Миовски не успеа да се пласира во главната фаза на Конференциската лига на УЕФА, откако вечерва загуби на пенали на гостувањето кај Јаблонец во Чешка. Во регуларниот дел од мечот домашните славеа со 1:0, идентичен резултат како оној кој го имаше Ренџерс од првиот меч.
Со оглед на тоа што немаше голови ни во продолженијата, пеналите решаваа за патникот во главната фаза. Нашиот Миовски почна од клупата и во игра влезе дури во 106. минута. Тој доби шанса да бие во пенал-рулетот и беше прецизен во втората серија. Но неговите соиграчи Кртис и Пенрајс промашија во последните две серии и со тоа му дозволија на Јаблонец да испише историски резултат.
Лугано на Езџан Алиоски, пак, обезбеди место во главната фаза на ова натпреварување, откако одигра 1:1 на гости кај Макаби ТА. Алиоски не беше во тимот поради повреда.










