Металург убаво го измачи Бутел Скопје

140

Бутел Скопје и Металург одиграа вистински дерби натпревар. Победник од оваа пресметка излезе домашниот тим кој славеше со 21-19 во рамките на десетото коло. Подолгата клупа на „бутелци“ на крајот си го стори своето. За тимот од Автокоманда ова беше седми пораз, додека за Бутел седма победа.

Чаневски и Дупјачанец имаа по десет интервенции, Мајиќ со осум гола беше прв стрелец во редовите на својот тим, на другата страна Хорват беше убедливо најдобар со десет погодоци.

Тимот од Автокоманда предводен од Златко Хорват и неговите осум гола во првото полувреме, имаше водство од три гола на почетокот 2-5, а потоа одржуваше и плус два (2-4, 4-6, 5-7 и 7-9). На другата страна на домашниот состав, кој има далеку поголема клупа му беше потребно време за да изедначи. На одморот беше 12-12.

Очекувано, неизвесноста продолжи во вториот дел. Капитенот Даниел Дупјачанец фати неколку топки, но неговиот тим не искористи при 14-15 да поведе со плус два. Исклучувањето на Маркоски, Бутел го искористи максимално, со серија од 4-0 дојде на 18-15 во 47. минута, прва голема предност на овој меч.

Чаневски беше одличен на голот на Бутел Скопје, одбрани две шанси на Металург, една на Хорват за да се врати неизвесноста и да изедначи. Ритамот падна, Бутел одновно дојде на плус три (19-16) на стартот на 50. минута.

Дупјачанец го држеше Металург во игра, но Металург не искористи две шанси да изедначи, особено на две и пол минути при 20-19. Бутел веднаш казни и осигура плус два (21-19) кои се покажаа како доволни за победа.

ПретходноЕ.Пелистер 2 не застанува, го освои Радовиш
Следно„Македонија е жилав тим, тешко се игра против нив“