Добра сума на долари го носат Мециновиќ во Бангладеш

2825

За искусниот и квалитетен стопер на тимот на Струга Трим Љум, Јасмин Мециновиќ денешниот меч против Работнички во рамките од 14. коло од домашниот ПМФЛ шампионат ќе му биде проштален. Заминува во далечниот Бангладеш каде што ќе ја продолжи својата кариера во тимот на Мохамедан. Клуб кој е стациониран во главниот град на оваа држава, Даха, и кој е еден од најквалитетните во тамошната конкуренција.

Мециновиќ со ова ја продолжува својата пракса да заминува во за нас далечни и непознати фудбалски дестинации кои за него претставуваат предизвик секако. По престојот во Малезија, Либан и Индонезија, Бангладеш е следната дестинација за некогашниот Македонски младински репрезентативец.

Се простува со капитенската лента

На денешниот меч против Работнички кој стартува секако од 13:00 часот, Јасмин Мециновиќ и Струга Трим Љум ќе се разделат на најпријателски начин. Клубот ќе му се заблагоради на досега својот најдобар играч и еден од најквалитетните стопери во нашата лига со капитенската лента и со желба за понатамошен успех во кариерата.

Струга добива 30.000 евра отштета

Со оглед пак на фактот што Јасмин Мециновиќ заминува што се вели на сред сезона од Струга, клубот ќе добие и адекватна отштета за тоа. Цели 30.000 евра ќе бидат платени за стоперот да замине во Бангладеш и да ја продолжи својата богата интернационална кариера.

 

 

ПретходноЧави: Не беше лесно, ќе бидеме подобри (ВИДЕО)
СледноВасоски сака победа како роденденска честитка!