Фудбалерите на Реал ја совладаа Осасуна со 3:1 во 33. коло на Ла Лига и се на чекор до освојување на шпанското првенство. Мечот го одбележаа промашувањата на Карим Бензема. Голгетерот на Реал кој изминатите неколку недели со своите голови го предводеше тимот до победи и до поставување на нови рекорди, но против Осасуна промаши два пенали со што запиша и еден „негативен“ рекорд. Во 52. минута шутираше од белата точка, но Херера го одбрани неговиот обид. Седум минути подоцна Херера го одбрани вториот удар на Французинот.
Со тоа Бензема стана првиот играч на „Кралскиот клуб“ кој промашил два пенали на еден натпревари од шпанското првенство. Сепак, Реал успеа да дојде до победа.
Бензема е првиот фудбалер кој промашил два пенали на еден меч во Ла Лига по Раул Тамудо против Бетис во април 2006 година. Французинот исто така е играч на Реал со најмногу промашени пенали во Ла Лига од сезоната 2005/06. Има четири од 11 обиди.
Од друга страна Серхио Херера е првиот голман кој фатил два пенали на еден меч во Ла Лига по Серхио Асенсио кој тоа го направи против Хетафе во февруари 2018 година.