Еуфорија владее во градот под Маркови Кули по саботниот триумф над Беласица во меч од 25.коло во ВМФЛ – ИСТОК. Совладан беше големиот ривал со 3:0, а на трибините во саботата повеќе од 5.000 гледачи, па не бадијала се вели дека токму Прилеп е најфудбалскиот град во Македонија.
Овој Прилеп, “мајмуните“, уште еднаш покажаа дека заслужуваат нивната Победа да игра во ПМФЛ, со Шкупи, Шкендија, А. Пандев, Македонија ЃП, Работнички, Брегалница…
Инаку сега Победа е на потег. Математиките велат дека овој тим уште в сабота може да стави “печат“ на пласманот во ПМФЛ.
Имено Победа игра дома со Пехчево, се разбира дека потребни се трите бода, а потоа да се чека триумф на Беласица над Слога Виница во меч кој се игра во Струмица.
И тогаш Победа ќе има 59 бодови, Беласица 56 а Слога (В) 55. Во последното коло Победа може на викенд да си отпатува во Виница, не треба да ја интересира што ќе направи Беласица со Кожуф зошто во најлош случај ќе има ист број бодови, но има подобар меѓусебен скор од две победи и едно реми.
Токму затоа велиме дека Прилеп уште в сабота може да стане ПРВОЛИГАШКИ град.
ФОТО: ФК Победа – официјална група ФБ