Денеска во Прилеп, во натпревар од 7.коло во ПМФЛ, Брегалница и гостува на Победа. Штипските “сини“ по двете победи во низа со Македонија ЃП и Шкупи, се најдоа во горниот дел на табелата, моментално се четврти. Ете шанси за Брегалница со евентуален триумф над Победа уште повеќе да покаже дека оваа сезона на нејзе и тоа како мора да се смета.
Марјан Алтипармаковски, искусниот напаѓач на “сините“ за “Спортмедиа“ во пресрет на денешниот дуел под “Маркови Кули“ истакнува:
“За нас ова е исклучително важен меч, кој треба да биде показател каде ќе се движиме во текот на сезоната. Имено во случај на освојување на три бода секако дека ќе покажеме дека Брегалница има намера да се бори за големи работи во оваа сезона. Имаме добар тим, спој на искуство и младост, добро се работи, само тоа треба да се преточи на теренот“ вели Алтипармаковски.
Тој смета дека Победа мора да се респектира, без разлика што досега прилепчани имаат освоено само еден бод:
“Сиот респект за Победа, и покрај тоа што досега овој тим има освоено само еден бод, Победа сака да игра фудбал. На клупата прилепчани го имаат Бабунски, тоа е нов тим, им треба време да се воиграат. Од друга страна ние одиме на победа, тука нема дилеми, но Брегалница не смее да помисли дека ќе и биде лесно, мораме да сфатиме дека секој меч е тежок за играње, посебно на гости, во ПМФЛ. Секогаш е уживање да се игра пред прилепската публика која знае и тоа како добро што е фудбал. Очекувам убава фудбалска атмосфера и денеска, секако очекувам и победа на мојот тим“ потенцираше Алтипармаковски.