Илчо VS Васоски: Дуел кој ни Брегалница ни А. Пандев не смеат да го загубат!

635

Утре во Штип, во меч од 12.коло во ПМФЛ, силите ќе ги одмерат Брегалница и А. Пандев, останатите мечеви од ова коло се играат во среда.

Тоа се две екипи кои се најголемите разочаривања во досегашниот дел од сезоната. Пред стартот на сезоната и двете екипи се посочуваа дека имаат квалитет и амбиции за пласман најмалку меѓу ТОП-5 екипи во ПМФЛ, но по 11. коло тие се долу на табелата, посебно „пандевци“.

Токму затоа велиме дека ова ќе биде и меч кој не смее ни Брегалница ни А.Пандев да го загубат, во спротивно сигурно е дека ќе има потреси.

Интересно, ова ќе биде и тренерски дуел на Илчо Ѓорѓиоски и Александар Васоски, прва нивна меѓусебна пресметка во ПМФЛ. И двајцата важат за шампионски тренери, Илчо го освои пехарот со Македонија ЃП во 2008/09 и со Вардар во 2011/12, и Васоски со Вардар во 2019/20. Но утре за првпат ќе се надмудруваат како тренери еден против друг.

Сепак и на двајцата оваа есен на клупите на своите тимови не им оди, никако.

Илчо веќе пет кола не знае за победа во ПМФЛ со Брегалница и тоа од 4 септември. Од тогаш минаа пет кола и има нула победи, две ремија и три порази. Вкупно Илчо оваа есен во изминатите 11 кола на 10 меча има само 3 победи, три ремија и 4 порази и се наоѓа на седмата позиција на табелата.

Васоски пак откако се врати на клупата на “пандевци“ има нула победи, едно реми и три порази во тие четири кола откако повторно е стратег на тимот од Струмица.

Јасно е, утрешниот меч ќе биде екстра значаен и за двете екипи, но ќе биде уште позначаен и за Илчо и за Васоски.

Ова ќе биде битка која не смее да се загуби.

ПретходноПорше не се откажува од влез во Формула 1, ќе го купи Вилијамс
СледноБадијала Партизан обвинува: Голот на Ц. Звезда во Ниш во 97.минута е регуларен!