Алкалоид го „замрзна“ Прилеп на минус 15 (ФОТОГАЛЕРИЈА)

147

Алкалоид продолжи во победнички ритам, ја потврди својата доминација во пресметките со Прилеп. Овој пат избраниците на Кирил Лазаров на домашен терен славеа со 37-22 во рамките на осмото коло во Супер-лигата и се зацврстија на второто место во групата А.

Гостите до средината на првото полувреме беа рамноправен противник, отворија со 1-3, водеа со 4-5. На другата страна домашниот состав со серија од 3-0 поведе со 7-5 и полека го наметна својот ритам. На одморот замина со водство од 19-12, благодарение на серијата од 6-1.

Во второто полувреме сликата целосно се промени, Прилеп во осум минути постигна два гола, додека на другата страна Алкалоид влезе фуриозно, поведе со 25-14 и широко го отвори патот кон седмата победа оваа сезона. За прилепчани ова беше петти пораз, имаат реми и две победи.

Петковски со шест гола беше прв стрелец, по четири имаа Серафимов, Илиевски и Иваноски. На другата страна Ѓоргиевски со девет гола беше најдобар на теренот.

ПретходноОсимен „дивееше“ против Сасуоло, хет-трик за нова победа на Наполи (ВИДЕО)
СледноКаталонски „Спорт“ тврди: Барса има само една шанса да го врати Меси и тоа оваа зима!