Кошаркарите на Гостивар ја продолжија фантастичната серија победи од почетокот на сезона. И во петтиот настап сезонава, денеска на гостински терен против екипата на Навико Академија ФМП, гостиварчани обезбедија убедлива победа од 93:82.
Првата четвртина им припадна на домашните кои ја добија со 21:18. Гостивар се врати како препороден во вториот период. Гостиварчани се вратија со блескава вигра и успеаја да направат плус 20, за на полувреме да заминат со убедлива предност од 49:32.
Домашните повторно тргнаа добро на стартот на вториот дел и успеаја да стопат добар дел од разликата, но во последниот период кога веројатно и требаше да додадат „гас“, Гостивар го направи одлучувачкиот чекор и дојде до победа.
Грузиецот Корсантија беше практично непогрешлив кај Гостивар денеска и со 28 поени го предводеше тимот до победа. Тој промаши само еднаш за два поени од дури 14 обиди. Ефремовски беше втор стрелец кај гостите со 23 поени.