Македонија не успеа да се пласира во главната фаза на ЕП. Имено вечерва во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, нашите девојки во третиот меч во групата-Ц и тоа против Романија, е поразена со 23:31 (12:13).
Голема борба на нашите девојки, не може да се каже дека не ја сакаа победата која ќе значеше и фантастичен успех, но ете, Романија кога беше најпотребно одигра навистина поквалитетно и заслужено успеа да победи.
Првото полувреме беше нашето најдобро, имавме резултатски егал, на крајот беше 12:13, но се чини дека лошиот старт во вториот период го одлучи победникот на вечерашниот натпревар.
И како по обичај, нашите девојки започнаа повторно нервозно, немаше гол три минути а Романија поведе со 0:1. Но нашите заиграа подобро, притисокот го претворија во желба за победа, за борба и стигнавме до 3:3, па држевме резултатски егал се до 8:8. Тогаш Романија малку се “одлепи“ и успеа на крајот од првиот дел да дојде до 9:12 на крајот, по истекот на тој прв период од овој екстра значаен меч за нас, но како и за Романија.
Сепак треба да се каже дека ова беше наше најдобро полувреме, девојките се бореа, го оставија срцето на теренот.
Сепак, сепак стартот на вториот дел беше лош, многу лош. Грешевме, промашувавме зицери а Романките сето тоа го користеа, имаа и 4 голови предност.
Во 36.минута резултатот гласеше 13:17. Но Саздовска намалува на 14:17.
Штета, моравме и можевме подобро да го отвориме овој втор дел, но тоа е тоа.
Романија во тие моменти ја држеше таа позитива од +3 и +4 голови, без разлика на нашата голема борба и желба да се приближиме барем малку резултатски.
А Романија заигра подобро, го искажа својот квалитет и во 43 минута дојде до позитива од +5 голови или 17:22. Повторно во тие моменти пропуштавме шанси да фатиме приклучок. Грешки, грешки, така беше се до крајот. Романија на рутина го заврши натпреварот во своја корист.
На крајот Македонија – Романија 23:31.
Инаку најефикасни во нашата репрезентација беа Дабевска со 7, Маџовска со 6 голови, Ристовска и Саздовска постигнаа по три. Додека кај Романија најдобра беше, како што и се очекуваше, Неагу со 10 голови.