Во главната фаза на Европското првенство кое се одржува во Скопје нема да ја гледаме Македонија. За жал, нашите ракометарки во одлучувачкиот меч беа совладани од Романија со 23-31 и ова натпреварување го завршуваат со три порази.
Секако, најмногу се разочарани нашите девојки, играа со срце, сакаа да ја израдуваат нацијата, но не успеаја.
„Можеби можевме да одиграме поразлично на Неагу, ама ние се подготвувавме со зона 6-0. Штета е што не го искористивме овој момент, да играме пред домашна публика на еден голем собир. Жално е што по десет години добивме шанса да играме ваков собир дома.
Дадовме сè од себе. Сметам дека бевме рамноправни речиси во целиот натпревар, а во моментите кога паѓавме се виде сллабата ротација. Романките се менуваа со многу ракометарки, а тие кои требаше да не заменат нас стартерите се навистина многу млади и за нијанса понеискусни. Ние и покрај поразот на крајот „прославивме“ со песна, бидејќи ни беше мило да играме пред своја публика на ваков собир. Нам ни недостигаше можеби поголема анализа на противниците, поискусен ростер. Се надевам овие ракометарки кои добија шанса ќе прераснат во подобри играчи и ќе формираме посилен тим. Мислам дека ќе се радуваме на успеси во иднината“, изјави Гичевска.