МВР излезе со официјален билтен за вчерашниот инцидент во салата „Шабан Трстена“. Дуелот меѓу Чаир и Работнички не го дочека својот крај, откако едно лице влета во теренот и му физички го нападна Ерик Нотиџ од таборот на најтрофејниот кошаркарски колектив.
Оваа средба заврши со службена победа на Работнички, а допрва Чаир ќе се соочи со последици за овој голем инцидент. Тежина на делото додава билтенот на МВР, лицето кое втрча на терен, поточно „тепачот“ бил пријавен како вработен фоторепортер во Чаир.
„Синоќа во 20:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска сала „Шабан Трстена“ на подрачје на Чаир, за време на одигрување на кошаркарски натпревар помеѓу КК „Чаир“ и КК „Работнички“, вработен како фоторепортер во кошаркарскиот клуб „Чаир“ влегол на теренот и физички нападнал кошаркар на гостинскиот клуб. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во билтенот на МВР.










