Коментар на 13.коло: Три клуба, кои заедно “тежат“ девет титули, се во АГОНИЈА!

758

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Зарем некој можеше да претпостави дека уште по 13.коло ќе се знаат кои три клуба ќе испаднат директно од елитната лига на Македонија? Ако за Шкупи се претпоставуваше, тогаш за Македонија ЃП, а посебно за Работнички ни во сон не можевме да претпоставиме дека ќе дојде до ова дереџе, народски кажано.

Пред да елаборираме, само да потсетиме дека овие три клуба заедно „тежат“ дури девет шампионски трофеи во ПМФЛ.

За Шкупи, рековме веќе, уште пред да почне првенстената 2025/26 сезона се знаеше, но за “Лавовите“ кои досега не играа така лошо, и за Работнички кој ова лето играше во Европа а лани се бореше за титулата, навистина чудно.

А виновниците се знаат. Тоа се тие турски “инвестиции“, среќа за Тиквеш кој навреме се чини се извлече. Секако дека има до крајот уште многу, но Шкупи е готов, Работнички набрзина се “лизга“ кон ВМФЛ, а најовиот скандал со “Лавовите“, кои во Тетово играа со младинците кажува многу. Ако таму набрзина не се решат некои работи се чини дека следната сезона во Ѓорче повторно ќе се гледа Втора лига.

Најмногу боли фактот дека еден клуб каков што е Работнички, кој беше пример за успех, за тоа како треба да се работи и без многу финансии, кој знаеше како да им го “загорчи“ животот на богатите Вардар и Шкендија, кој знаеше како се игра во Европа, кој во последната деценија “произведе“ десетина стандардни првотимци во нашите репрезентации, дојде до тој степен да си поигруваат со него.

За тие што не знаат. Работнички, покрај скопска Победа, Вардар и Тетекс, има историја со играње во Првата лига во екс – СФРЈ. Работнички, сега заедно со Струга ТЛ, никогаш ама баш никогаш не испаднал од елитата во самостојна Македонија. Работнички е клуб од центарот на Скопје, Работнички е клуб од Дебар Маало. Да, Работнички во Скопје ги “донесе“ Ливерпул, Лацио, Лил, Спартак Москва, Трабзонспор, и го елиминира. Работнички еднаш беше на чекор до пласман во групната фаза во ЛШ и двапати на чекор до групната фаза во ЛЕ. Работнички “тежи“ четири титули во ПМФЛ и четири титули во Купот на Македонија.

Работнички е поим за фудбалот во Скопје и Македонија, посебно беше во екс – СФРЈ, кога градските дуели со Вардар ги следеа и по 20.000 гледачи на Градски.

Вардар секогаш бил државно милениче, ама Работнички секогаш бил тука до најтрофејниот или веднаш зад него.

И сега еден таков клуб, гигант за наши услови е во агонија, тешка агонија.

Жално. Секако дека е жално она што им се случува и на Шкупи и на Македонија ЃП, но посебно боли сета оваа агонија во која се најде или наоѓа клубот од најстрогиот центар на Скопје.

Штета…

За резултатите од 13.коло во ПМФЛ што да се каже.

Вардар и Струга ТЛ си “газат“, а Шкендија и Силекс имаа полесни тренинзи против “младинците“ на Македонија ЃП и Шкупи. Работнички повторно со пораз, сега од Башкими во Куманово и конечно победа на Пелистер.

ПретходноДве имиња како опција за нов тренер на Работнички
СледноВардар поразен во последните секунди на гостувањето кај Кристијанштад