АК Олимп со историски успех на Купот на Македонија 2026

29

Некогаш најтрофеен битолски атлетски клуб.
Потоа речиси заборавен.
Денес повторно сила што ја менува македонската атлетика.

АК Олимп од Битола, викендов испиша една од најголемите страници во својата понова историја.
На Купот на Македонија за сениори и сениорки 2026, Олимп во женска конкуренција беше апсолутен шампион на Македонија со 367 бодови и најуспешен женски клуб на натпреварувањето и второ место во севкупниот пласман со 831 бод, веднаш зад екипата на Куманово.

Ирма Хајдари имаше блескав викенд и триумфираше на 800 метри со резултат 2:25.75, како и на 1500 метри со време 4:55.71.

Дарија Крстевска освои прво место на 5000 метри и на 3000 метри стиплчез, а дополнително освои и две втори места на 800 и 1500 метри.

Во машка конкуренција, Бојан Чаприќ триумфираше на 1500 метри со време 4:11.71, освои второ место на 800 метри со резултат 1:59.06, а на 400 метри постави нов личен рекорд од 52.84 секунди, што му донесе трето место.

АК Олимп оствари целосна доминација на 1500 метри кај мажите, освојувајќи ги првите четири места преку Бојан Чаприќ, Леонид Вандевски, Димитар Илиев и Григоријан Никовски.

Идентична доминација клубот имаше и на 1500 метри кај жените, каде првите четири позиции ги освоија Ирма Хајдари, Дарија Крстевска, Адријана Поп Арсова и Магдалена Станковска.

На 800 метри кај жените, Олимп повторно ги освои првите четири места преку Ирма Хајдари, Дарија Крстевска, Адријана Поп Арсова и Магдалена Станковска.

На 5000 метри кај жените, Дарија Крстевска и Адријана Поп Арсова ги освоија првите две позиции.

Мешаната штафета 4х400 метри во состав Максим Пауер, Ирма Хајдари, Бојан Чаприќ и Дарија Крстевска го освои второто место и даде значаен придонес во големиот клупски успех.

Свој настап за АК Олимп имаше и Михаил Саламовски во дисциплината фрлање ѓуле, каде го забележа својот дебитантски настап.

Од клуб кој пред неколку години беше на работ на згаснување, АК Олимп денес повторно се наоѓа во самиот врв на македонската атлетика.

Во клубот велат дека зад овој успех стојат години посветена работа, како и процесот на возобновување започнат во 2020 година, во кој значајна улога имале тренерот Демир Даутовски, тимот на Трчај Бе и актуелниот тренер Димитар Перовски.

„Ова не е приказна што почнува одново. Ова е приказна што повторно продолжува таму каде што застанале основоположниците на битолската атлетика“, велат од АК Олимп.

Клубот овој историски успех му го посвети на проф. Илија Чукалков, кој почина деновиве и кој беше дел од историските успеси на АК „Олимпија“, клубот кој подоцна, во текот на 2000-тите, продолжи да функционира под името АК Олимп, во периодот кога за неговото опстојување се грижеше Демир Даутовски.

ПретходноПознати се сите можни противници: Вардар по цела деценија повторно ќе игра во квалификациите во ЛШ!
Следно„Атлетик“: Јамал го пропушта првиот меч на Шпанија на СП, а веројатно и вториот!