Вината да си ја бараат дома! Како Шкендија не научи ништо од грешките на Вардар!?

370

Голем клуб е голем и во големи порази! Тоа Шкендија треба и мора да го знае, а ако не го знае ќе мора да го научи. Ако не за сега за во иднина која клубот од Тетово мора и треба да ја има затоа што во изминативе години на дело докажа дека е клуб со визија, амбиции, сериозни вложувања, но и резултати.

Поразот од Силекс е можеби во вистинско време за „црвено-црните“ од Тетово и лекција по која треба да се решат многу дилеми внатре во клубот. Многу е бедно да се бара алиби во пораз во финале од Силекс во меч на кој големиот фаворит не создаде ниту една конкретна можност за гол, не создаде шанса за директен удар, не успеа да ја спаси сезоната барем и со пехар во Купот.

Вината е во сопствените редови. Одредени играчи како да беа веќе на летен одмор или во други клубски средини. Внатрешните тензии кои Шкендија добро ги чува да останат само внатрешни кулминираа на неколку од битните натпревари. Да останеш на врвот треба врвна управа – менаџмент! Тоа што Шкендија го направи во Конференциската лига оваа сезона е сон на секој клуб од регионот.

Да се дочека европска пролет е успех од големи размери, кој воедно е и добро награден од самата УЕФА. Како тоа Шкендија одигра перфектно со гиганти како Стеауа, Лудогорец… ја мина групната фаза и беше елиминирана од Самсунспор. Како тоа во Европа беа одлични, а дома губеа на пример од Арсими, Башкими, Пелистер…?

За да се остане на врвот во секој клуб е потребен и врвен менаџмент!

Управа која ќе треба да се соочи со предизвиците и луѓе кои треба да знаат како да се изменаџира целата таа атмосфера на слава и атмосфера на домашна битка за титула. Ете на пример тука Шкендија имаше добар пример во Вардар на кој истото му се случи во сезоната кога настапи во групната фаза од Лигата на Европа.

Нашите клубови немаат кадар кој ќе пресече и кој ќе изменаџира како треба. На таа игра, на тие успеси, на тие пари… Шкендија да не доведе зимски засилувања! Тоа е проблемот тука е суштината. Тенок ростер, речиси без стопери, кој донесе до “експлозија“ на самото финале и момент во кој сите велат дека овој клуб не може без Бесарт Ибраими, а мајсторот на головите има 40 години!

Јетон Беќири заминува како „победник“

Без разлика на тоа што не освоија ништо во оваа сезона. Јетон Беќири заминува од клупата на Шкендија како победник, како тренер кој утре со крената глава може да се шета низ Тетово и како тренер од Македонија кој има резултати какви што ниту еден друг ги нема со клуб од земјава.

Нема логика тој да остане во Шкендија (и договорот му е истечен), со оглед на последните настани и големиот гнев на навивачите кон него и играчите. Заминува сега и остава простор еден ден повторно да се врати. Ова е фудбал, тоа е животот и кариерата на тренерите. Со успесите во Шкендија може многу брзо да најде нов ангажман надвор од границите на земјава.

А во Шкендија не треба само нов тренер или играчи… Можеби треба и подлабока анализа на работата на менаџментот и освежувања во тој дел од структурите на клубот кој имаше многу лоши потези надвор од терените и стадионите. Многу лоши кои не се достојни за лица кои раководат со најдобро организираниот клуб во Македонија. Само така може да се вратат успете посилни и уште подобри а не со нереални анализи, неземање на метали, бунтови…

ПретходноДисциплинска комисија при ФФМ: Постапка против Шкендија за национализам, пиротехника, непочитување химна, скандирање против ФФМ…..
СледноДа го имаш Васоски, а да носиш „Гаучос“ за многу пари…