Му чури главата и на Гроф Божовиќ во Вардар

1052

Далеку е Вардар од клуб кој ќе му создаде идеални услови за работа на новиот шеф на струката, кој во оваа репрезентативна пауза требаше да ги намести коцките и клубот да се спреми за преостанатиот дел од есенската полусезона. Да се „закрпат“ дупките кои настанаа летото по катастрофата која му се случи на Вардар со „експериментот“ – Кристијан Фабијани. Екипата да добие ритам, кондиција и игра каква што мора да ја има доколку се сака „црвено-црните“ да останат во игра за врвот, па и да одат на добар резултат за неколку дена во дерби-дуелот со Шкендија.

А Вардар во паузата остана во Скопје, да тренира на очајниот терен во базата во Хиподром, каде деновиве едвај се собираат 14-15 фудбалери. Да, клубот има репрезентативци, и сениорски и младински, но од тие кои се тука и кои се скапо платени – нема ефект.

На пример, стоперот кој беше најавен како големо засилување – Сирику Диабате. Тој по третпат е по болници во неколку недели поради стомачни вируси.

Немања Босанчиќ има проблем со оток на коленото, Николов се повреди на тренинг со репрезентацијата, а во аут е и вториот голман Даниел Диковски.

Ако се знае дека првата опција на голот, Талески, е со репрезентацијата, тоа беше најава дека тренерот на голманите Мете Велковски ќе брани на пријателскиот меч со младинците, кој е одигран во саботата.

Вардар победил со 7:1 на тој дуел со младата екипа, на меч кој е одигран во Кадино и каде не сакал да се „соблече“ Хоакин Торес.

Да, да… Фудбалерот од Аргентина сè уште е во Вардар, но го нема на мапата и си ги пакува куферите затоа што во зимската пауза сигурно ќе добие билет во еден правец.

За разлика од него, Пуелио е професионалец и одработува сè што ќе му биде кажано, додека „ѕвездата“ Кастањеда сè повеќе е намуртен и конфликтен со останатите соиграчи.

Со оглед на многуте проблеми, тенкиот ростер и други „болести“ кои не можат да се излечат во Вардар, пред Гроф Божовиќ е многу тежок период. Период во кој се бараат резултати, а случувањата во и околу клубот се далеку од професионални.

Среќа што, освен Шкендија и уште 2-3 клуба, другите се тежок очај, па ваквиот Вардар може да се радува дека е во горниот дел од табелата.

Далеку е од шампионскиот врв, но сепак е тука, на пет бода до ривалот од Тетово, кој е на врвот и кој исто така е во играчка криза.

ПретходноФудбалерите летнаа за Словенија: Нека ни се посреќи во Љубљана – нашата нова надеж за да конечно постигнеме гол (ФОТО)
СледноБастијан Швајнштајгер со критика: Германија веќе не е врвна репрезентација!