СпортСпорт во Берлин, Марија Ковачева
Два тешки меча се зад македонската ракометна репрезентација. Нашите момци беа поразени од олимпискиот првак, Франција и домаќинот Германија. Против „триколорите“ избраниците на Кирил Лазаров имаа и добри моменти, до пред крајот на првото полувреме беа рамноправен противник, по што почнаа да редат технички грешки кои против една ваква ракометна велесила се недозволиви.
Планот беше против Германија истите да ги намалат. Но, кога се игра против една ваква машинерија, тешко е да се фати ритамот, а притоа да се биде перфектен. Ова го видовме синоќа во „Мерцедес Бенц Арена“. Македонската репрезентација брзо влезе во „бубањот“ на противникот, едноставно беше немоќна, а ниту против оваа селекција број на технички грешки не беше мал.
Па според статистиката на ЕХФ по комплетирањето на второто коло, Македонија води во оваа неславна категорија. Во конкуренција на 24 земји учеснички е на првото место со 39 загубени топки, премногу за да се биде конкурентен против една Франција или пак една Германија која игра пред полни трибини.
Покрај одбраната која мора да биде поцврста, да не доволува лесни пробиви низ неа, против Швајцарија мора да се намалат техничките грешки, видовме дека оваа селекција како одигра против Франција, и кои се нејзините вистински квалитети.
Покрај Македонија, втора селекција во категоријата на загубени топки е Грузија, има 34.
Натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија се игра утре со почеток во 18 часот.