Второто коло од новиот ПМФЛ 2025/26 македонски фудбалски шампионат ќе стартува со денешниот дуел во Кавадарци помеѓу екипите на Тиквеш и Вардар. Мечот е закажан за 17:00, а домаќинот со нетрпение го очекува гостувањето на актуелниот освојувач на Купот на Македонија, како и на овогодинешниот наш претставник во Европа.
Тиквеш и во првото коло беше домаќин, и тоа на тимот на Работнички, дуел во кој ниту постигна ниту прими гол. Благодарение на голманот Христијан Стевковски кој беше избран во идеалниот тим на првото коло.
„Вардар е една од најквалитетните екипи во домашниот шампионат во моментов, и тоа го покажува и долгата низа на мечеви без пораз. Освоениот Куп, настапот во Европа, не е случаен. Вардар игра многу дисциплинирано. Тоа е за нас мотив повеќе, да одиграме добар меч. Само доколку бидеме на највисоко ниво ќе дојдеме до посакуваниот резултат. Вардар заслужува огромен респект, секако е еден од кандидатите за шампионската титула сезонава. Сепак, Тиквеш е тим кој ама баш никој не смее да го потцени, бидејќи имаме квалитет на секоја позиција. Имаме одлична атмосфера во тимот, и очекувам многу квалитетен и неизвесен меч. Секако, очекувам огромна поддршка од цело Кавадарци, за да можеме да дојдеме до посакуваниот резултат“ – изјави Христијан Стевковски.