Турбулентно е во Шкендија после секоја полусезона, пред секоја пауза, откако клубот со години и години е во играчка, резултатска, но и кадровска криза. Смената на Ардијан Нухиу од тренерската функција се случи само ден по крајот на есенскиот дел од шампионатот, во кој „црвено-црните“ имаат само 4 бода заостанување зад Струга Трим Љум. Но, сепак, позицијата на Нухиу на клупата на Шкендија лебдеше уште од неговото доаѓање и срамната елиминација од Конференциската лига од аматерите од Велс.
„СпортСпорт“ дознава дека албанскиот тренер Оргес Шехи ќе биде новиот тренер на клубот од Тетово. Поранешниот репрезентативен голман на својата земја во последниве години бил на клупата на прволигашите Скендербег, Кукс и Тирана. Во Шкендија стискаат палци за Шехи и чекаат негов потврден одговор по понудената клупа, но постои еден друг проблем. За потписот на овој стратег се интересира и екипата на Партизани од Тирана.
Шкендија паралелно размислува и на резервни опции за тренерската позиција, доколку Оргес Шехи не се согласи да дојде во Тетово. По веста дека заминува од Вардар, интересен е и Александар Васоски, а веќе со години името на Игор Ангеловски – Мрме се спојуваа со овој клуб, но по неговите мизерни резултати со Горица во Хрватска и Каспиј во Казахстан, неговиот рејтинг е паднат на многу ниско ниво.















