Речиси е завршена работата околу продажбата на Фабрис Тамба во рускиот тим Оренбург со што Шкендија во незгоден момент останува без еден од своите најдобри ако не и најдобар фудбалер.
Желбата за трансфер на фудбалерот од Сенегал е пресудна за неговото одење со што тренерот Артим Положани се соочува со сериозен удар во екипата токму во моментите кога Шкендија влезе во резултатска криза (пораз дома од Тиквеш и реми на гости кај Арсими).
Токму поради лекарските прегледи во Белград, Тамба не играше на последниот меч со Арсими, а Шкендија и Оренбург веќе ги договараат условите околу отштетата.
Сега 250.00 евра и на зима уште 200.000 евра
СпортСпорт од свои извори дознава дека касата на Шкендија ќе се наполни за 450.000 евра од трансферот на Фабрис Тамба во Русија. Со Оренбург е договорени сега да се уплатат 250.000 евра додека преостанатите 200.000 евра ќе легнат на сметката на „црвено-црните“ во текот на јануари.
Тамба за Шкендија одигра 48 натпревари и постигна 19 голови. Тој беше клучен играч во историската ланска сезона и пласманот на екипата во Конференциската лига. Есенва тој го растури Вардар среде Скопје и со двата гола и ја донесе големата победа на Шкендија.
Пред да дојде во Тетово тој играше во Шкупи а претходно и во младинскиот тим на Брага од Португалија. Лани Шкендија за Тамба одби понуда од 800.000 евра.















